Австрија прогласи три дена национална жалост по денешното пукање во средно училиште во Грац, во кое се убиени девет лица. Десеттата жртва е напаѓачот, кој извршил самоубиство на самото место.
„Ова е мрачен ден во историјата на нашата земја. Пукањето во Грац е национална трагедија. Мора да покажеме единство во вакви моменти и да останеме човечни“, изјави австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
Министерот за внатрешни работи Герхард Карнер потврди дека се убиени девет лица, од кои шест женски и три машки, а има и 12 повредени, од кои девет сериозно.
„Можеме да потврдиме дека напаѓачот делувал сам. Станува збор за 21-годишен австриски државјанин од областа на Грац. Засега можеме само да шпекулираме за неговите мотиви. Целата ситуација и натаму е доста нејасна. Тој извршил самоубиство во бањата во училиштето“, рече Карнер.
Весникот „Кронен цајтунг“ објави дека напаѓачот е поранешен ученик во училиштето кој се сметал себеси за жртва на малтретирање. Тој пукал во две училници со пиштол и сачмарка, што ги поседувал легално, кажа полицијата.
„Напаѓачот претходно не ѝ бил познат на полицијата и имал дозвола за оружје“, рече Карнер.
Австрија ја има една од највисоките стапки на поседување огнено оружје во светот, со 30 парчиња оружје на 100 жители.