Речиси шест месеци откако победи на парламентарните избори во Холандија, антиисламскиот популистички лидер Герт Вилдерс постигна договор за формирање влада со уште три партии. Засега не е донесена одлука кој ќе биде премиер, но тоа нема да биде Вилдерс, кој претходно се откажа со цел да се формира коалиција.
„Имаме договор и сега ќе го доставиме во парламентот“, изјави лидерот на крајнодесничарската Партија на слободата (ПВВ).
Ако договорот биде прифатен, партијата на Вилдерс ќе формира влада заедно со конзервативно-либералната ВВД, центристичката Нов социјален договор и со Граѓанско движење на земјоделците.
Партијата на слободата изненадувачки освои една четвртина гласови на изборите во ноември откако се откажа од некои свои радикални политики, како забрана на Коранот и џамиите. Сепак, разговорите за формирање коалиција на четири партии пропаднаа во февруари, по што Вилдерс се откажа од амбицијата да биде премиер. Нов фаворит за оваа функција е 67-годишниот Роналд Пластерк, кој се откажа од кариерата на професор и молекуларен биолог за да влезе во политиката.