Непознат број луѓе е заробен под урнатините на најголемата детска болница во Украина, откако Русија денеска изведе силен ракетен напад врз Киев и неколку други града. Досега е потврдено дека загинале најмалку 36 луѓе во Киев, Криви Рих, Покровск и Днипро.
Десетици жители на Киев се вклучија во расчистувањето на остатоците на болницата „Охматдит“, која е делумно уништена во денешниот напад, кој се случи во претпладневните часови. Министерството за здравство кажа дека во најголемата и најдобро опремена детска болница во земјата се оштетени пет одделенија и дека пациентите се евакуирани во други болници откако во неа снемало струја, вода и кислород.
Воздушните сили на Украина кажаа дека собориле 30 од лансираните 38 проектили. Во нападите се оштетени 50-ина цивилни објекти низ Украина, вклучувајќи две болници во Киев.
Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат проектил кој паѓа врз детската болница во Киев, по што следува голема експлозија. Украинските безбедносни служби кажаа дека тоа бил хиперсоничен проектил „кинжал“, едно од најнапредните руски оружја.
„Вработените ги преместуваа децата во засолниште кога се случи експлозија. Веднаш настана голема паника“, изјави една медицинска сестра од болницата.
Во Киев загинале 21 лице, вклучувајќи две во детската болница. Седуммина луѓе загинале во друга болница во Киев, откако врз неа паднале остатоци од пресретнат проектил, испукан два часа подоцна.
Претседателот Володимир Зеленски, кој е во посета на Полска, вети дека Украина ќе се одмазди за овој напад и ги повика западните сојузници соодветно да одговорат.
Руското министерство за одбрана објави дека руските сили извеле напади врз воздушни бази и одбранбена индустрија во Украина.