Најмалку 65 луѓе се убиени откако милитантите на Боко Харам нападнале погребна церемонија во нигериската североисточна држава Борно.
Напаѓачите дошле со мотоцикли и комбиња во селото, при што почнале да пукаат во присутните.
Локалните власти кажаа дека нападот бил одмазда, откако пред две недели селаните убиле 11 припадници на оваа џихадистичка група. Агенцијата „Франс прес“ објави дека во нападот биле запалени и куќи.
Повеќе од 10.000 цивили се убиени во дејствувањето на Боко Харам во последните десетина години. Оваа група се обидува да ја собори владата и да воспостави исламска држава. Освен во Нигерија, таа е активна и во Чад, Нигер и Камерун. Во 2015 година беше опишана како најсмртоносна терористичка група на светот.