Првата дама на САД, Џил Бајден, ненајавено ја посети Украина, при што се сретна со сопругата на претседателот Зеленски во училиште во пограничниот град Ужхород, кое привремено служи како засолниште за бегалци.
„Сакав да покажам дека народот на САД е со украинскиот народ. Ова е брутална војна, која мора да запре“, изјави Бајден, која во голема тајност патувала со автомобил до Ужхород, во близина на словачката граница.
Олена Зеленска кажа дека беше храбар чин да се посети Украина.
„Разбираме што значи првата дама на САД да дојде овдека додека има војна и секојдневно се слушаат сирените за воздушни напади, па така и денеска“, кажа таа.
Олена Зеленска не се појавуваше во јавност откако почна руската инвазија на 24 февруари. Таа и Бајден разговараа и се играа со десетици деца кои моментално престојуваат во училиштето.
Бајден дојде во Украина среде посетата на Романија и Словачка.