Џон Хинкли, кој пред четири децении пукаше во тогашниот американски претседател Роналд Реган, ќе излезе на слобода следниот јуни, ако продолжи да ги следи правилата и остане ментално стабилен, изјави федерален судија од Вашингтон.
Откако беше преселен од Вашингтон во Вирџинија во 2016, судот му воведе ограничувања, според кои лекари и тераписти мора да го надгледуваат неговото психијатриско лекување. На Хинкли му е забрането да поседува оружје и не смее да ги контактира децата на Реган и роднините на другите жртви на пукањето, како и актерката Џоди Фостер, со која беше опседнат во тоа време.
„Хинкли не покажува насилно однесување и симптоми на активна ментална болест, а од 1983 ниту интерес за оружје“, кажа судијата Пол Фридман.
Сега 66-годишниот Хинкли го застрела Реган пред хотел во Вашингтон на 30 март 1981, кога беа ранети уште три лица. На судењето, Хинкли не беше прогласен за виновен врз основа на неговото лудило. Тој кажа дека сакал да го убие претседателот за да ја импресионира Џоди Фостер, со која станал опседнат откако ја гледал во филмот „Таксист“ од 1976.
Реган не беше погоден директно, но беше сериозно повреден во градите откако еден куршум се одби од претседателската лимузина. Тој излезе од болница на 11 април.