Американската компанија „Џонсон енд Џонсон“ го паузираше своето истражување за вакцина против ковид-19 откако еден учесник во тестирањето се разболел.
Од компанијата кажаа дека независна истрага ќе испита дали необјаснивите симптоми што се појавиле кај волонтерот се поврзани со инјекцијата што ја примил. Истовремено, од претпазливост е прекинато регрутирањето волонтери за третата фаза од тестирањето.
„Во големи истражувања како ова, во кои учествуваат десетици илјади волонтери, може да се очекува некои да не се почувствуваат добро. Се обидуваме да дознаеме повеќе за болеста на учесникот и важно е да ги имаме сите факти пред да споделиме дополнителни информации“, соопшти „Џонсон енд Џонсон“.
Ова не е прво истражување за вакцина против ковид-19 што беше прекинато, откако со сличен проблем се соочија и Оксфорд и „АстроЗенека“. Нивното заеднично истражување во меѓувреме доби безбедносна дозвола да продолжи.
Околу 180 кандидати за вакцина против ковид-19 моментално се тестираат низ светот.