Вакцината против ковид-19 на американскиот производител „Џонсон и Џонсон“, за која е потребна само една доза, се покажала безбедна и ефективна на тестирањата, објави Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА), со што се отвора пат за нејзино итно одобрување. Советнички панел на независни експерти ќе се состане утре за да реши дали да ја препорача вакцината.
Според ФДА, заштита од заразување со ковид-19 почнува да се појавува најмалку 14 дена по вакцинирањето. Дваесет и осум дена по вакцинирањето, немало ниеден случај на хоспитализација или смрт.
По тестирање во кое учествувале над 44.000 волонтери, федералните регулатори кажаа дека вакцината имала ефективност од 72% во САД, 66% во Јужна Америка и 57% во Јужна Африка, каде што е распространета нова, попренослива мутација.
Научниците на ФДА утврдиле дека вакцината е 85-процентно ефективна во спречувањето на сериозни случаи на ковид-19, а севкупно, нејзината ефективност против благи до сериозни случаи изнесува 66%.
„Охрабрувачки е што една доза од вакцината на ‘Џонсон и Џонсон‘ е еднакво добра во спречувањето на сериозна болест како две дози на конкурентските компании. Ова е вакцина која ќе спречи да одите во болница“, изјави Пол Офит, член на советничкиот панел на ФДА.
Освен САД, и европските регулатори и СЗО би можеле да ја одобрат оваа вакцина, а компанијата планира да произведе една милијарда дози до крајот на годината.