ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ ЗАСТРЕЛАНИ НА ПРОТЕСТИТЕ ВО КЕНТАКИ ОТКАКО СУДОТ ГИ ОСЛОБОДИ ПОЛИЦАЈЦИТЕ КОИ ЈА УБИЈА АФРОАМЕРИКАНКАТА БРИОНА ТЕЈЛОР

    ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ ЗАСТРЕЛАНИ НА ПРОТЕСТИТЕ ВО КЕНТАКИ ОТКАКО СУДОТ ГИ ОСЛОБОДИ ПОЛИЦАЈЦИТЕ КОИ ЈА УБИЈА АФРОАМЕРИКАНКАТА БРИОНА ТЕЈЛОРСемејството на Тејлор бараше сите тројца полицајци да бидат обвинети за убиство, но тоа беше одбиено од поротата која ги разгледуваше доказите (Фото: АП)

    Двајца полицајци се застрелани на големите протести во Луизвил, најголемиот град во американската сојузна држава Кентаки, кои уследија откако судот објави дека ниеден полицаец нема да одговара за убиството на Афроамериканката Бриона Тејлор.

    Дваесет и шестгодишната медицинска сестра беше убиена на 13 март годинава откако тројца полицајци упаднале во нејзиниот дом, барајќи дрога. Само против еден од нив е покренато обвинение, но не за смртта на Тејлор, туку за загрозување на човечки животи, откако куршумите што тој ги испукал завршиле во соседен стан. Според законите на Кентаки, тоа спаѓа во групата најлесни кривични дела.

    Шефот на полицијата на Луизвил, Роберт Шредер, кажа дека полицајците застрелани на протестите не се во животна опасност и дека осомничениот за пукањето е во притвор. Во Луизвил е прогласена вонредна состојба, а градоначалникот Грег Фишер воведе полициски час од 21 до 6:30 часот во наредните три дена.

    И покрај тоа, голем број луѓе излегоа на улиците и после 21 часот, а протести против судската одлука се одржаа и во неколку други градови.

    Семејството на Тејлор бараше сите тројца полицајци да бидат обвинети за убиство, но тоа беше одбиено од поротата која ги разгледуваше доказите. Истрагата утврдила дека шест куршуми ја погодиле Тејлор, од кои еден бил фатален. Јавниот обвинител кажа дека полицајците пукале во самоодбрана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира