Српска листа се враќа на власт во косовските општини со мнозинско српско население, две години откако Србите ги бојкотираа вонредните локални избори на северот на земјата.
По вчерашните редовни локални избори во Косово, претседателот на Српска листа, Златан Елек, изјави дека убедливо победиле во девет од десетте општини со мнозинско српско население.
„Ќе имаме двотретинско мнозинство во сите десет општини, а она што е најважно е дека четирите општини северно од Ибар се вратени во српски раце“, кажа Елек.
Тензиите на северот на Косово пораснаа откако Србите ги напуштија сите косовски институции во 2022 зашто не им беа исполнети барањата за поголема автономија, а следната година ги бојкотираа изборите. Поради тоа, кандидатите на партиите на косовските Албанци победија на изборите во Косовска Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, што доведе до судири во кои се вмеша и КФОР.