Владејачката партија Движење слобода на премиерот Роберт Голоб и десничарската Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша се речиси израмнети по денешните парламентарни избори во Словенија.
Тесна победа однесе Движење слобода, која доби 28,55% гласови, додека СДС е на второто место со минимален заостаток и освоени 28,21%.
Изборната кампања, која набљудувачите ја опишаа како валкана од самиот почеток, се вжешти овој месец кога на анонимна веб-страница беа објавени тајно снимени видеа, кои наводно ја разоткриваат корупцијата во владата. Овие видеа беа поврзани со израелска приватна шпионска фирма, чии претставници наводно трипати ја посетиле Словенија кон крајот на минатата година, при што се сретнале со Јанша, кој го негираше ова.
Владата на Голоб беше силен либерален глас во ЕУ, додека победата на Јанша, кој е симпатизер на Доналд Трамп и Израел и близок сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, би ги зајакнала растечките популистички групи во Европа.



