Нобеловиот комитет не успеал да стапи во контакт со еден од годинашните добитници на Нобеловата награда за медицина, кој заминал на планинарење и целосно се исклучил од надворешниот свет. Американскиот научник Фред Рамздел ја подели наградата со сонародничката Мери Бранкоу и Јапонецот Шимон Сакагучи за нивни откритија за човечкиот имунолошки систем, но заминал на „дигитален детокс“, па никој не бил во можност да го исконтактира.
„Фред Рамздел моментално ужива во животот. Тој е на планинарење и не можеме да стапиме во контакт со него“, изјави портпаролот на лабораторијата „Сонома“ во Сан Франциско, каде што работи Рамздел.
Џефри Блустоун, пријател на Рамздел и коосновач на лабораторијата, кажа дека и тој не можел да го извести за наградата.
„И самиот се обидов да му се јавам. Мислам дека шета по зафрлените предели на Ајдахо“, изјави Блустоун.
Нобеловиот комитет во прв момент не можел да стапи во контакт и со Бранкоу, која исто така живее на западниот брег на САД.
„Телефонот ми ѕвонеше среде ноќ поради осумчасовната временска разлика и бидејќи беше шведски број, претпоставив дека станува збор за измама. Затоа го исклучив телефонот и повторно заспав“, изјави таа за Нобеловата фондација.