Транспортен авион на „ДХЛ“, кој летал од Лајпциг до Литванија, се урна близу зграда во Вилнус, при што загина едно лице. Литванските власти почнаа истрага за несреќата, при што не се исклучува можноста дека станува збор за тероризам среде стравувањата од руски тајни операции низ Европа.
Двокатната зграда се наоѓа 1,3 километри северно од аеродромот во Вилнус и нејзините 13 жители се евакуирани. Градоначалникот на Вилнус, Валдас Бенкунскас, изјави дека загинатиот бил член на екипажот на авионот, а останатите тројца се хоспитализирани.
Шефот на литванскиот огранок на „ДХЛ“, Миндаугас Пиворунас, изјави дека причината за падот на „боинг 737-476“ засега не е позната, но истрагата се фокусира на технички проблеми.
„Несреќата е најверојатно резултат на техничка или човечка грешка, но тероризам засега не се исклучува. Собирањето докази би можело да трае со недели, па нема да има брзи одговори“, изјави шефот на литванската полиција Арунас Паулаускас.
- ПОЛСКА ЈА ОБВИНИ РУСИЈА ДЕКА СТОИ ЗАД СЕРИЈА ПОЖАРИ НА ПАКЕТИ, ШТО БИЛЕ ПОДГОТОВКА ЗА САБОТАЖИ НА ЛЕТОВИ КОН САД И КАНАДА
- УАПСЕНИ ЧЕТВОРИЦА ВО ПОЛСКА, ПЛАНИРАЛЕ ДА ИСПРАТАТ ЕКСПЛОЗИВНИ ПРАТКИ ВО АВИОНСКИ ПАКЕТИ
Во јули, во логистички центар во Лајпциг се запалиле два пакета кои биле испратени преку „ДХЛ“ од Литванија. Полските обвинители неодамна ја обвинија Русија дека стои зад серијата пожари на пакети испратени преку курирски компании во Полска, Германија и Велика Британија, што требало да послужат како проба за саботирање летови до САД и Канада. Полската обвинителка Катаржина Цалов-Јашевска тогаш изјави дека група саботери на руската воена разузнавачка агенција ГРУ била вмешана во испраќање пакети кои содржеле скриен експлозив и опасни материјали.