Во земја каде што готовината е крал, премиерот Еди Рама сака да ја направи Албанија првата држава без пари до 2030 година. Една од главните причини за ова е што во моментов многу трансакции се случуваат „под радарот“.
„Елиминацијата на готовината е апсолутен приоритет за земјите со висока неформалност и дестабилизирачки количини на нелегални пари во финансискиот систем“, рече Селами Џепа, професор по економски науки на Универзитетот во Тирана.
Проблемот е што банкарскиот систем и општеството можеби не се подготвени да го направат скокот. Поголемиот дел од Албанците претпочитаат да управуваат со своите заштеди надвор од банкарскиот систем и инсистираат на плаќање во готово секогаш кога е можно. Дури и во туристичките водичи за Албанија често се појавува фразата „готовината е крал“ како совет за посетителите. Иако повеќето синџири на продавници и поголеми ресторани прифаќаат картички, кафулињата, салоните за убавина, бутиците, телекомуникациските компании и дуќаните не прифаќаат.
Централно-левичарската влада сака да ја ослободи Албанија од она што во ланскиот извештај на Европската комисија за земјата е опишано како „голема неформална економија што ги попречува бизнисот и конкуренцијата и ги намалува даночните приходи“.
Се проценува дека сивата економија е 29-50 проценти од бруто домашниот производ на Албанија. Спиро Брумбули, генералниот секретар на Албанското банкарско здружение, изјави дека владата и институциите ќе изготват план за отворање пат за безготовинско работење, а меѓу следните чекори ќе биде ограничување за купувања со физичка валута.
Еден од проблемите е што Албанците не ги сакаат банките. Неодамнешно истражување на Албанското банкарско здружение покажа дека само 34 проценти од населението им верува. Светската банка објави дека помалку од 50 проценти од Албанците имаат банкарска сметка. Банката на Албанија вели дека 78 проценти имаат пристап до банкарска сметка, што е помалку од европскиот просек од 96 проценти.
Преминот кон безготовинско општетсво е политика што ја разгледуваат многу развиени земји, како Шведска, Естонија и Ирска. Сепак, Албанија е поинаква средина и скептицизмот на јавноста е разбирлив.
По падот на комунизмот на почетокот на 1990-тите почнаа да се појавуваат банки, финансиски институции и инвестициски компании и да ветуваат неверојатно високи каматни стапки до 19 проценти на депозитите. На врвот на лудилото, една шестина од Албанците вложиле пари во пирамидални шеми.
До јануари 1997, првите фирми почнале да пропаѓаат, поттикнувајќи ги Албанците масовно да се обидат да ги повлечат своите средства. До март, земјата беше во хаос и започна бунтот, кога толпи на лути сиромашни Албанци ја обвинија владата дека не успеала да ги спречи измамите, па дури и профитирала од нив. Околу 2.000 луѓе биле убиени во судирите и биле изгубени околу 1,2 милијарди долари, што е рамно на половина од БДП во тоа време. И по речиси три децении, банките не успеаја да ја повратат довербата на граѓаните.