Прегревањето на уред на „Епл“ била причината за уривањето на авионот од типот Ербас А320 на „Иџиптер“ во Средоземното Море во мај 2016 година, тврдат семејствата на загинатите, кои имаат поднесено тужба против технолошкиот гигант и авиокомпанијата.
Во падот на авионот, кој летал од Каиро за Париз, загинале 40 Египќани, 15 француски државјани и еден Британец.
Семејствата на неколку од жртвите сега тврдат дека авионот се урнал откако дошло до прегревање на ајфонот или ајпедот на копилотот, што предизвикало пожар во кокпитот. Тие бараат отштета од „Иџиптер“ и од „Епл“, кои се наведени како виновници.
Египетските власти имаат спроведено истрага за несреќата, но друга, независна истрага, водена од Французи, беше запрена, откако Египет одби да ги предаде необработените податоци од црните кутии, како и остатоци од авионот. Француските истражители се фокусирале на три причини за несреќата: тероризам, механичка грешка и пожар предизвикан од прегревање на мобилен уред, кој бил вклучен во погрешно место во кокпитот.