ЕКСПЕРТСКАТА ГРУПА НА СЗО НЕ УСПЕА ДА НАЈДЕ ДЕФИНИТИВЕН ОДГОВОР КАКО ПОЧНА ПАНДЕМИЈАТА НА КОВИД-19

    ЕКСПЕРТСКАТА ГРУПА НА СЗО НЕ УСПЕА ДА НАЈДЕ ДЕФИНИТИВЕН ОДГОВОР КАКО ПОЧНА ПАНДЕМИЈАТА НА КОВИД-19Претседателката на експертската група рече дека повеќето научни податоци ја поддржуваат хипотезата оти новиот коронавирус преминал на луѓето од животните. (Фото: АП)

    Експертска група задолжена од Светската здравствена организација (СЗО) да истражи како започнала пандемијата на ковид-19 вчера го објави својот последен извештај, со незадоволителен заклучок: научниците сè уште не се сигурни како започнала најлошата здравствена вонредна состојба во последниот еден век. На прес-конференцијата во, Мариетје Вентер, претседателката на групата, рече дека повеќето научни податоци ја поддржуваат хипотезата оти новиот коронавирус преминал на луѓето од животните.

    Тоа беше и заклучокот што го донесе првата експертска група на СЗО што го истражуваше потеклото на пандемијата во 2021 година, кога научниците заклучија дека вирусот веројатно се проширил од лилјаци на луѓе, преку друго посредничко животно. Во тоа време, СЗО рече дека лабораториско истекување на вирусот е „исклучително малку веројатно“.

    Вентер рече дека по повеќе од три години работа, експертската група на СЗО не била во можност да ги добие потребните податоци за да процени дали ковид-19 е резултат на лабораториска несреќа, и покрај повторените барања за стотици генетски секвенци и подетални информации за биолошка безбедност што беа упатени до кинеската влада.

    „Затоа, оваа хипотеза не можеше да се истражи или исклучи“, рече таа. „Се сметаше за многу шпекулативна, заснована на политички мислења и не е поткрепена со наука“. Таа рече дека групата од 27 члена не постигнала консензус; еден член поднесе оставка претходно оваа недела, а тројца други побараа нивните имиња да бидат отстранети од извештајот.

    Вентер рече дека нема докази што докажуваат оти ковид-19 бил манипулиран во лабораторија, ниту пак имало индикации дека вирусот се ширел пред декември 2019 година некаде надвор од Кина.

    „Додека не станат достапни повеќе научни податоци, потеклото на тоа како САРС-кОв-2 навлегол во човечката популација ќе остане неубедливо“, рече Вентер, осврнувајќи се на научното име за вирусот ковид-19.

    Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека е „морален императив“ да се утврди како започнал ковид-19 истакнувајќи дека вирусот уби најмалку 20 милиони луѓе, избриша најмалку 10 трилиони долари од глобалната економија и ги измени животите на милијарди.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира