Иран вечерва објави дека ги нападнал американските сили во воздушната база Ал-Удеид во Катар, откако новинските агенции „Ројтерс“ и „АФП“ објавија дека се слушаат експлозии над Доха. Ова уследи по извештаите дека се очекува ракетен напад врз американска воена база во Катар.
„Ова е моќен и успешен одговор од иранските вооружени сили на агресијата на Америка“, објави Иран.
Иранската револуционерна гарда кажа дека лансирала проектили и кон американска воена база во Ирак.
Катар претходно донесе одлука за затворање на својот воздушен простор поради „веродостојна закана“ дека ќе биде нападнат Коалицискиот центар за воздушни операции во Ал-Удеид, најголемата американска воена база на Блиски Исток, во која живеат околу 8.000 американски граѓани. Американската амбасада во Катар претходно ги предупреди своите граѓани да се засолнат до натамошно известување.
Нападот се случи ден откако Доналд Трамп нареди да се бомбардираат три ирански нуклеарни постројки, за што Иран вети дека ќе се одмазди.