Студентските демонстрации во Тирана излегоа од контрола вчера откако демонстрантите се судираа со полицијата повеќе од 10 часа, при што палеа згради, влегуваа во владини институции и ограбуваа.
Иако Албанија е сведок на секојдневни протести од крајот на мај, поттикнати од плановите за изградба на луксузно одморалиште на јадранскиот брег, пред два дена и студентите излегоа на улиците за да протестираат против условите во универзитетите и студентските домови и трошоците за живот.
„Правото на мирен протест е основа на демократијата и обврска на државата да го гарантира. Но, насилството не може да биде средство за изразување незадоволство, ниту, пак, употребата на сила од страна на полицијата треба да ги надмине границите на законот и пропорционалноста“, рече претседателот Бајрам Бегај ги повика младите да се вклучат во дијалог со него.
Маскирани лица прво фрлаа камења, плочки, шишиња и пиротехнички средства кон зградата на министерството за образование. Тие ги искинаа металните огради од патот и ги употребија за да ги уништат железните порти на зградата. По неколку часа, полицијата се вмеша и употреби палки, солзавец и водни топови за да ги отстрани демонстрантите и граѓаните од околината.
Во следните часови, ситуацијата дополнително ескалираше, бидејќи демонстрантите запалија клупи, дрвја и неколку згради. Тие упаднаа во министерството за образование, министерството за правда и министерството за финансии, оштетија неколку приватни бизниси и билборди, а потоа се префрлија на главниот булевар и ја опколија канцеларијата на премиерот. Подоцна провалија и во трговски центри и банки.
До синоќа беа уапсени најмалку 40 демонстранти, а десетици луѓе се повредени.
Амбасадата на САД во Тирана ги предупреди своите граѓани да бидат внимателни и да ги избегнуваат областите погодени од протестот, истакнувајќи дека тој може да се прошири.



