Мартин Кусик, естонскиот министер за информатички технологии и надворешна трговија, беше принуден да поднесе оставка по само еден ден на функцијата поради обвинувањата за домашно насилство. Кусик, кој беше назначен од десничарската Конзервативна народна партија, се повлече откако се дозна дека двапати ѝ ја скршил раката на поранешната сопруга.
Министерот поднесе оставка откако најголемиот неделник во Естонија (Ести Експрес) објави дека Кусик со години ја злоставувал поранешната жена Карин во моменти на пијанство. Неделникот ангажираше десетици од своите новинари да ги истражат гласините дека Кусик ја тепал сопругата.
Во неговото родно место Раквере, најмалку петмина кои го познаваат неговото семејство ги потврдија гласините за неделникот.