ЕТНИЧКИТЕ БУРЈАТИ СТРАВУВААТ ДЕКА НАЈГОЛЕМИОТ ТОВАР НА МОБИЛИЗАЦИЈАТА ЌЕ ПАДНЕ НА СИРОМАШНИТЕ РЕГИОНИ ВО РУСИЈА

    ЕТНИЧКИТЕ БУРЈАТИ СТРАВУВААТ ДЕКА НАЈГОЛЕМИОТ ТОВАР НА МОБИЛИЗАЦИЈАТА ЌЕ ПАДНЕ НА СИРОМАШНИТЕ РЕГИОНИ ВО РУСИЈАМобилизирани жители на Бурјатија заминуваат од регрутниот центар во Улан-Уде

    Ден откако Владимир Путин нареди делумна воена мобилизација во Русија, службеници дошле во домот на Александар Бездорожни во Улан-Уде, главниот град на Република Бурјатија, за да му предадат налог за регрутација. Она што тие не го знаеле е дека тој починал од ковид-19 уште во 2020.

    Тој беше инвалид и никогаш не служел војска“, вели неговата сестра Наталија Семјонова, музичарка и активистка.

    Бурјатија е главно рурална област, сместена околу јужниот брег на Бајкалското Езеро. Една третина од населението се етнички Бурјати, главно будисти, кои се тесно поврзани со Монголците. Тамошните активисти стравуваат дека товарот на мобилизацијата и војната паѓа врз сиромашните региони со етнички малцинства, со цел да се избегне народниот гнев во 6.000 километри оддалечената Москва.

    Како дом на стотици етнички групи, Путин секогаш нагласува дека Русија е мултиетничка држава и дека војниците од сите малцинства се херои ако се борат за Русија.

    Иако министерот за одбрана Сергеј Шојгу кажа дека делумната мобилизација ќе опфати само воени резервисти со претходно борбено искуство или посебни војнички вештини, во Бурјатија велат дека не е така.

    Нема ништо делумно во мобилизацијата во Бурјатија. Ги земаат сите. Досега примивме стотици поплаки од жители чии роднини добиле документи за регрутација. Многумина од нив биле постари од 40 години или имале некоја медицинска состојба, поради што не требало да бидат повикани“, вели Александра Гармажапова од фондацијата „Слободна Бурјатија“.

    Таа додаде дека меѓу 4.000 и 5.000 луѓе од регионот биле регрутирани уште првиот ден. Независниот сајт „Луди Бајкала“ проценува дека ќе бидат мобилизирани меѓу 6.000 и 7.000 локални жители.

    Гармажапова вели дека широкиот опсег на мобилизацијата во Бурјатија е намерен политички избор на локалните власти кои сакаат да ја задоволат Москва.

    Според јавно достапните податоци за воените жртви, собрани од независниот магазин „АјСторис“, сиромашните региони Бурјатија и Дагестан имаат највисока стапка од почетокот на инвазијата, со 259, односно 277 загинати војници. Од Москва биле само десет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира