Европската комисија разгледува начини за брз прием на Украина во Европска Унија како дел од мировен договор со Русија, при што таа не би добила полноправно членство веднаш, туку би го стекнала низ процес на транзиција, изјавија европски функционери. Идејата, која е во рана фаза, е замислена како гест за Украинците кои бараат членство во ЕУ како дел од повоената безбедносна гаранција од Европа и интеграција со западот.
Членството на Украина во ЕУ во 2027 година беше вметнато во мировниот план од 20 точки дискутиран помеѓу САД, Украина и Европската Унија како мерка за обезбедување економски просперитет на земјата по завршувањето на војната, велат дипломатите. Сепак, многу влади од ЕУ веруваат дека тој датум или кој било друг фиксен датум е целосно нереален бидејќи пристапувањето во моментов е процес базиран на заслуги и бара исполнување на одредени услови. За пристапување во блокот е потребна и согласност од националните парламенти на 27-те членки на ЕУ.
Идејата изнесена од претставниците на ЕУ би го ставила традиционалниот процес во обратна насока, но дури и ограниченото членство би барало согласност од владите на ЕУ и националните парламенти.
„Мора да признаеме дека денес сме во многу поинаква реалност од онаа кога беа изготвени правилата за пристапување. Украина и потенцијално други кандидати брзо би се приклучиле на ЕУ, а потоа би добиле фазен пристап до правото на глас, во зависност од нивниот напредок кон исполнување на критериумите за полноправно членство“, рече еден функционер на ЕУ.
Украина стана кандидат за членство во ЕУ кон крајот на 2022 и следната година ги почна преговорите.
„Во интерес на Европа и нашата сопствена безбедност е Украина да биде во ЕУ. Затоа треба да бараме креативни решенија како брзо да ја внесеме во ЕУ. Концептот на обратно членство ја одразува оваа идеја – Украина политички да се приклучи на ЕУ, а потоа да добие целосни права и полноправно членство откако ќе бидат исполнети сите услови“, рече еден дипломат од ЕУ.



