ЕУ И НАТО ЗАЕДНО ЌЕ ВЕЖБААТ РЕАКЦИИ НА САЈБЕРНАПАДИ, ВКЛУЧЕНИ ЌЕ БИДАТ И ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

    ЕУ И НАТО ЗАЕДНО ЌЕ ВЕЖБААТ РЕАКЦИИ НА САЈБЕРНАПАДИ, ВКЛУЧЕНИ ЌЕ БИДАТ И ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАНСпоред планот, ЕУ ќе започне со сајбервежби и симулации на кризи од јуни 2026 година. (Фото: ДПА)

    Европската Унија ќе ја зајакне соработката со националните армии и НАТО со цел да се подготви за одговор на масовни сајбернапади, одлучија министрите на земјите членки на состанокот во Луксембург.

    Министрите го одобрија ажурираниот „план за сајбербезбедност“ на блокот, кој ги утврдува механизмите за реакција при големи безбедносни инциденти на интернет. Новиот документ прецизира кои институции – на техничко, оперативно и политичко ниво – ќе реагираат при напади од големи размери.

    Исто така, се повикува на посилна соработка со НАТО преку воспоставување „точки за контакт“ во случај на сајберкриза.

    „Зголемените геополитички тензии, конфликти и стратешко ривалство се рефлектираат во влијанието, обемот и софистицираноста на злонамерните сајберактивности“, се наведува во документот.

    Дариуш Стандерски, полскиот министер за дигитални прашања, изјави дека неговата земја се соочува со околу 700 сајберинциденти дневно.

    „Полска е земја со најмногу напади во сајберсферата во ЕУ. Сепак, не можеме да гарантираме дека следната година некоја друга земја членка нема да биде главната цел. Затоа треба да бидеме подготвени заедно“, рече Стандерски.

    Според планот, ЕУ ќе започне со сајбервежби и симулации на кризи од јуни 2026 година. Се очекува во нив да бидат вклучени приватниот сектор и НАТО, а потенцијално и претставници од земјите од Западен Балкан, Молдавија и Украина.

    Данскиот министер за безбедност, Торстен Шак Педерсен, истакна дека одговорот на сајбер-заканите мора да вклучи поблиска координација меѓу цивилните и воените актери. Во документот се додава дека ваквите напади може да бидат дел од хибридни кампањи или воени операции и имаат потенцијал да се прелеат и во партнерските земји.

    Од Европската комисија е побарано до крајот на 2026 година да предложи решение за безбедни комуникации, како и да се развие план за вонредни состојби доколку стандардните комуникациски канали бидат нарушени.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира