Патниците во Европската Унија наскоро ќе можат во целост да ги користат своите мобилни телефони во авион. Европската комисија им дозволи на авиокомпаниите да ја обезбедат 5Г технологијата во своите авиони, вклучувајќи го интернетот.
Тоа значи дека патниците веќе нема да мора да ги подесуваат своите телефони на авионски режим додека летаат, но засега е нејасно како ќе се спроведе тоа. Крајниот рок за земјите-членки да ја овозможат 5Г фреквенцијата во авионите е 30 јуни 2023.
На тој начин, патниците ќе можат слободно да разговараат на мобилните телефони додека се во воздух и да користат апликации за стриминг на музика и видео.
„Овој план ќе им овозможи иновативни услуги на патниците и ќе го помогне растот на европските компании. Небото веќе не е граница кога станува збор за можностите што ги нуди супербрза конекција со висок капацитет“, изјави еврокомесарот за внатрешен пазар Тјери Батон.