Европската Унија денеска се согласи на неодредено време да ги замрзне средствата на руската централна банка што се чуваат во Европа, отстранувајќи ја големата пречка за користење на овие пари за да ѝ се помогне на Украина. Русија најави дека ќе го тужи белгискиот депозитар за хартии од вредност „Евроклир“, каде што се чува најголемиот дел од замрзнатите руски милијарди.
ЕУ сака да ја задржи Украина финансиски стабилна за да може да се бори, бидејќи ја гледа руската инвазија како закана за сопствената безбедност. За да го сторат тоа, земјите-членки на ЕУ планираат да стават во функција дел од руските суверени средства, што ги замрзнаа по почетокот на војната.
Владите на ЕУ се согласија да се имобилизираат руски средства во вредност од 210 милијарди евра онолку долго колку што е потребно, наместо да се гласа на секои шест месеци за продолжување на нивното замрзнување. Со ова се отстранува ризикот Унгарија и Словачка да одбијат да се продолжи замрзнувањето во одреден момент, принудувајќи ја ЕУ да ѝ ги врати парите на Русија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека овој потег ќе му предизвика непоправлива штета на блокот.
Замрзнувањето на средствата на неопределено време треба да ја убеди Белгија да го поддржи планот на ЕУ за користење на замрзнатите руски пари за одобрување заем до 165 милијарди евра за Украина, со цел да се покријат нејзините воени и цивилни буџетски потреби за следните две години. Белгија стравува дека тужби од Русија би можеле да предизвикаат голема финансиска криза.
Според планот, Украина ќе го врати кредитот само кога Русија ќе ѝ плати воена отштета.
Лидерите на ЕУ треба да се состанат на 18 декември за да ги финализираат деталите за кредитот и да ги решат преостанатите проблеми, што вклучува гаранции за Белгија дека нема да мора сама да ја плати казната доколку потенцијална тужба од Москва биде успешна.
Белгискиот премиер Барт де Вевер ѝ постави на ЕУ серија „рационални, разумни и оправдани услови“ пред да го прифати планот за репарации и одби да ја исклучи можноста за правна акција доколку тој претставува значителен ризик за неговата земја.
Руската централна банка објави дека планот на ЕУ е нелегален и дека го задржува правото да ги користи сите расположливи средства за да ги заштити своите интереси.



