Илјадници луѓе од јужниот град Аусгбург морале да ги остават своите подароци под елките откако во божикното утро беа присилени да се евакуираат, затоа што полицијата деактивирала голема авионска бомба од времето на Втората светска војна.
Бомбата беше откриена претходната недела за време на градежни работи во историскиот централен дел на градот. Властите пресметале дека најпогодно време за деактивацијата на бомбата е на првиот ден од Божик затоа што нема многу сообраќај и најверојатно луѓето се со нивните роднини.
Полицијата утрово одела од куќа до куќа и користела комбиња со гласни звучници за да ги натераат тие што одбивале да ги напуштат домовите да се евакуираат најдоцна до 10 часот. Сообраќајот во зоната за евакуација бил запрен од 8 часот наутро.
Полицијата не може да предвиди колку време ќе биде потребно да се деактивира бомбата. Училиштата, спотските сали и фудбалскиот стадион се користат како засолништа, но полицијата вели дека тие не се полни бидејќи многу од жителите отишле кај роднини за Бадник.
Градскиот превоз бил бесплатен за време на евакуацијата.
Во Германија не е никакво чудо да се пронајде неексплодирана бомба од Втората светска војна. Голем дел од историскиот центар на Аугсбург бил уништен на 25 и 26 февруари 1944 година кога стотици британски и американски авиони го бомбардирале градот.