Италијанските пожарникари се борат да изгаснат голем шумски пожар во Тоскана, кој гори со денови поттикнат од силни ветрови, принудувајќи евакуација на околу 3.000 луѓе.
Пожарот, кој е активен од вторникот, се проширил на повеќе од 800 хектари на планината Фаета, која се протега меѓу провинциите Лука и Пиза, изјави Матео Чекели, градоначалникот на соседниот град Сан Џулијано Терме.
Пожарот, како што изјави тој за јавниот сервис РАИ, најверојатно бил предизвикан од палење на отсечени гранки од маслинови дрвја, што излегло од контрола. Во текот на ноќта, силните ветрови го разгореле пожарот, што довело до превентивни евакуации, соопшти претседателот на регионот Тоскана, Еуџенио Џани.
Три противпожарни авиони „канадери“,“, кои земаат вода од езера, реки или мориња пред да ја исфрлат врз пожарите, биле распоредени за поддршка на екипите на терен, соопшти националната противпожарна служба на платформата Икс.
„Пожарот сè уште е многу активен“, изјави заменик-градоначалникот на Лука, Фабио Барсанти.
„Се вложуваат сите напори за што е можно повеќе да се ограничи периметарот на пожарот, но не можеме да се опуштиме или да даваме прогнози бидејќи сме на милост и немилост на ветерот“, додаде тој.



