Европската комисија им забрани на своите службеници да прифаќаат бесплатни билети за големи настани како Олимпијада.
Имајќи ги предвид неодамнешните вакви скандали во Европската комисија, вработените биле потсетени дека „прифаќањето гратиси го доведува во прашање очекуваното етичко однесување на членовите и персоналот или може да создаде ризици за угледот на комисијата и засегнатите лица“, објави „Политико“.
На вработените исто така им беше забрането да прифаќаат гратиси за Европското фудбалско првенство во Германија и за Изборот за песна на Евровизија.
„Ризикот за репутацијата од прифаќање билет е висок кога пошироката јавност има потешкотии да набави билети“, стои во е-пошта од јули.
Самите еврокомесари, на кои во некои околности им е дозволено да прифаќаат подароци во вредност до 150 евра, треба да одбијат билети дури и ако нивната цена е под овој праг, додека вработените треба да одбијат билети дури и ако нивната вредност е под прагот за подароци од 50 евра, се вели во мејлот.
Се додава дека еврокомесарите можат да прифатат гратиси само на исклучителна основа, ако официјално ја претставуваат Европската комисија на некој настан. На пониските службеници ни ова не им е дозволено.