ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ОТВОРИ ИСТРАГА ПРОТИВ „БУКИНГ“ ПОРАДИ ИЗМАМИ И ЛАЖНИ СМЕСТУВАЊА

    ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ОТВОРИ ИСТРАГА ПРОТИВ „БУКИНГ“ ПОРАДИ ИЗМАМИ И ЛАЖНИ СМЕСТУВАЊАПретставниците на Комисијата посочуваат на признанието на самиот „Букинг“ од јуни 2024 година за раст на туристичките измами меѓу 500 и 900 проценти во претходните 18 месеци. (Фото: Букинг/принтскрин)

    Европската комисија отвори истрага согласно Законот за дигитални услуги за да утврди дали платформата „Букинг“ прави доволно за да ги спречи измамите, фишингот и лажните понуди на својот систем.

    Официјални претставници за „Реџистер“ соопштија дека истрагата, започната неделава, ја опфаќа платформата со повеќе од 45 милиони корисници во Европската Унија и е насочена на три главни сегменти.

    Првиот сегмент испитува дали платформата не успева да ги спречи лажните огласи за сместување, каде што лица се претставуваат како сопственици на имоти и ги издаваат без да бидат нивни вистински сопственици.

    Вториот дел од истрагата проверува дали се преземаат соодветни чекори против фишинг, смс-измами и социјален инженеринг. Според портпаролката на Европската комисија, измамниците ги преземаат профилите на сопствениците на сместувањата и нивните податоци за контакт, по што испраќаат пораки до корисниците со барање за дополнителни уплати. Комисијата исто така се сомнева дека платформата не ги заштитува доволно податоците на корисниците и деловните партнери.

    Третиот сегмент се однесува на транспарентноста при рекламирањето, односно дали платформата јасно ги одвојува платените огласи од органските резултати и дали прави јасна разлика за огласите чии сопственици платиле за повисоко рангирање.

    Претставниците на Комисијата посочуваат на признанието на самиот „Букинг“ од јуни 2024 година за раст на туристичките измами меѓу 500 и 900 проценти во претходните 18 месеци. Како илустрација, само во Холандија во првиот дел од 2026 година се пријавени над 1.000 случаи на измама со штета од 82.000 евра, што е десеткратно зголемување во однос на претходната година, а слични извештаи пристигнуваат од речиси сите земји членки.

    Иако Комисијата потврдува дека „Букинг“ прави проценка на ризикот врз основа на сопствени и надворешни пријави, претставниците оценија дека досега преземените мерки се под стандардите и дека постои простор за значително посолидни системи за спречување на измамите. Во иднина од платформата се очекува построга проценка на ризикот, што вклучува спречување на злоупотребите на системот за резервации, брзо отстранување на лажните огласи, проверка на лиценците и промена на начинот на прифаќање на нови сопственици на сместувања.

    Портпарол на „Букинг“ за „Реџистер“ соопшти дека компанијата целосно соработува со Европската комисија и конструктивно одговара на сите прашања согласно Законот за дигитални услуги, додавајќи дека безбедноста, довербата и заштитата на личните податоци остануваат главен приоритет во борбата против сајбер-криминалот и онлајн измамите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира