Европската Унија објави дека привремено ги одложува контрамерките за новите американски царини, за да се даде шанса на преговори со владата на Доналд Трамп. Одложувањето ќе важи најмалку 90 дена.
Контрамерките беа усвоени вчера од 26 од 27-те членки на ЕУ, откако само Унгарија гласаше против и требаше да се однесуваат на низа производи во вкупна вредност од 21 милијарда долари, како соја, бакар, железо, мотоцикли и сок од портокал. Првата од трите фази требаше да стапи во сила на 15 април, следната на 15 мај, а третата на 1 декември.
„Сакаме да дадеме шанса на преговори. Нашите контрамерки добија силна поддршка од членките на Унијата, но ќе ги ставиме во мирување на 90 дена. Ако преговорите не бидат задоволувачки, контрамерките ќе бидат активирани“, изјави претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
Одлуката на ЕК дојде ден откако Доналд Трамп ги паузираше повисоките царини на 90 дена и место тоа, за сите држави освен Кина воведе универзална намалена реципрочна царина од десет отсто. За целата ЕУ беше планирана царина од 20%.
„Во меѓувреме, продолжуваме со подготовките на понатамошни контрамерки. Сите опции остануваат во игра“, кажа Фон дер Лајен.