ЕВРОВИЗИСКИОТ ПОБЕДНИК НЕМО ЌЕ ГО ВРАТИ ТРОФЕЈОТ ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ ПОРАДИ УЧЕСТВОТО НА ИЗРАЕЛ

    ЕВРОВИЗИСКИОТ ПОБЕДНИК НЕМО ЌЕ ГО ВРАТИ ТРОФЕЈОТ ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ ПОРАДИ УЧЕСТВОТО НА ИЗРАЕЛНемо го освои првото место со песната „Кодот“ на ланското натпреварување во Малме (Фото: АФП)

    Ланскиот победник на Евровизија, Швајцарецот Немо, објави дека ќе го врати трофејот во знак на протест поради учеството на Израел на популарното музичко натпреварување. Со тоа продолжуваат контроверзите околу настапот на Израел, на кој му беше дозволено да учествува на следната Евровизија во Виена, поради што таа ќе биде бојкотирана од Шпанија, Холандија, Словенија, Ирска и Исланд.

    Дваесет и шестгодишниот Немо кажа дека постои јасен конфликт помеѓу учеството на Израел и идеалите на единство, инклузија и достоинство, за кои што се залага манифестацијата.

    „Тажни сме поради одлуката на Немо, но ја почитуваме“, изјави директорот на Евровизија, Мартин Грин.

    Немо стана првиот небинарен изведувач кој победил на Евровизија, кога го освои првото место со песната „Кодот“ на ланското натпреварување во Малме.

    „Сметам дека одлуката на Европската радиодифузна унија да му дозволи на Израел да учествува на Евровизија не е во согласност со нејзините основни вредности. Континуираното учество на Израел за време на она што независната меѓународна истражна комисија на Обединетите нации го опиша како геноцид покажува јасен конфликт помеѓу тие идеали и одлуката донесена од ЕБУ. Иако сум неизмерно благодарен на заедницата околу овој натпревар и на сè што ме научи ова искуство, повеќе не чувствувам дека овој трофеј припаѓа на мојата полица“, изјави Немо.

    Тој притоа објави видео како го пакува трофејот во кутија, велејќи дека ќе го испрати во седиштето на ЕБУ во Женева.

    Бојкотите и протестите поради учеството на Израел се најголемата криза што Евровизија ја имала досега. Годинашниот натпревар, исто така, го следеа контроверзии околу гласањето и обвинувања дека израелската влада се обидела да влијае врз гласањето на јавноста.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира