ФБИ објави дека истражува уште еден обид за атентат врз Доналд Трамп, што се случи вчера додека тој бил во неговиот голф клуб во Вест Палм Бич во Флорида. Неколкумина агенти на Тајната служба пукале кон вооружен маж кој се криел во грмушките на работ на теренот и бил оддалечен околу 400 метри од местото каде што играл Трамп, кажаа властите. Трамп веднаш биле одведен на безбедно.
Напаѓачот оставил пушка „калашников“, камера и два ранци на самото место и избегал со автомобил, за подоцна да биде уапсен. Тој е идентификуван како 58-годишниот Рајан Весли Раут од Хаваи.
Ова се случи само два месеца откако врз Трамп беше пукано на митинг во Пенсилванија, при што беше ранет во уво.
„Сакам да им се заблагодарам на сите за вашата загриженост и добрите желби. Ова секако беше интересен ден. Ништо нема да ме запре, никогаш нема да се предадам“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Не е познато дали и како Раут знаел дека Трамп се наоѓа на голф теренот и кои се неговите мотиви. Официјални лица кажаа дека бидејќи Трамп не е на функција, целиот терен не бил окружен со обезбедување.
„Бидејќи тој не е на функција, безбедноста е ограничена на областите за кои Тајната служба смета дека е потребно“, изјави шерифот на округот Палм Бич, Рик Бредшо.
Од објави на социјалните мрежи се дознава дека Раут, кој немал војничко искуство, бил голем поддржувач на Украина и повикувал странци да одат да се борат против руските сили. Тој лани дал изјава за „Њујорк тајмс“ дека патувал во Украина набргу по почетокот на руската инвазија. Раут има полициско досие откако бил обвинет и осуден за бројни кривични дела, како носење скриено оружје.
Агенти на Тајната служба испукале најмалку четири куршуми кон Раут откако забележале пушка во грмушките. Откако избегал со автомобил, Раут бил уапсен 65 километри подалеку.