Американските истражители објавија фотографии од можниот убиец на конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк и ја пронајдоа пушката за која веруваат дека била употребена во вчерашното пукање на Универзитетот Јута Вели во градот Орем. Тие го опишаа осомничениот како маж со возраст на студент облечен во црно.
Триесет и едногодишниот Кирк беше еден од најугледните конзервативни активисти во САД и близок сојузник на Доналд Трамп, на кого му помогна да привлече голем број гласови на младите на ланските избори. Тој беше убиен со еден куршум испукан од снајпер од покривот на зграда додека држеше говор на јавен настан пред 3.000 луѓе.
ФБИ и властите на Јута кажаа дека убиецот дошол во кампусот неколку минути пред почетокот на настанот. Снимките од безбедносните камери покажуваат вооружено лице како се качува по скалите до покривот. Кирк бил застрелан во врат додека зборел за масовни пукања во САД.
„Напаѓачот скокнал од покривот и избегал во соседната населба. Истражителите пронајдоа моќна пушка во блиската пошумена област и ја испитуваат за да најдат можни траги“, изјави Роберт Болс, специјален агент на ФБИ.
Комесарот за јавна безбедност на Јута, Бо Мејсон, кажа дека се чини дека напаѓачот е на студентска возраст и добро се вклопил во кампусот. Тој засега не е јавно идентификуван.
ФБИ понуди награда од 100.000 долари за информација која би довела до фаќањето на убиецот.