ФИНСКА ЌЕ ПОСТАВИ МИЛИОН ПРОТИВПЕШАДИСКИ МИНИ НА ГРАНИЦАТА СО РУСИЈА

    ФИНСКА ЌЕ ПОСТАВИ МИЛИОН ПРОТИВПЕШАДИСКИ МИНИ НА ГРАНИЦАТА СО РУСИЈАФинските власти планираат да потрошат околу 100 милиони евра за обезбедување на границата со Русија, која се протега во должина од 1.300 километри. (архивска фотографија)

    Финска се подготвува да ги обнови своите поранешни залихи од еден милион противпешадиски мини, откако на почетокот од годинава го заврши повлекувањето од Отавската конвенција поради руската закана. Властите планираат да потрошат околу 100 милиони евра за обезбедување на границата со Русија, која се протега во должина од 1.300 километри.

    Според магазинот „Руотуваки“, испораките ќе се одвиваат во текот на неколку години и ќе продолжат во текот на 2030-тите. Една од клучните цели на проектот е набавката да се изврши од домашен производител, за што веќе се остварени контакти со домашни компании кои имаат соодветни капацитети и интерес за производство.

    Иако во земјата постојат претпријатија со готови дизајни, суровини и производствени линии, почетокот на сериското производство се планира за 2028 година поради потребата да се поминат сите инспекциски и набавни процедури, како и допрва да се развијат техничките спецификации за производите.

    Во моментов се бараат два вида противпешадиски мини: поедноставни, кои се поставуваат однапред, и покомплексни системи со можност за далечинско минирање. Фокусот првично е ставен на првиот тип, каде што се разгледуваат решенија активирани преку жица за сопнување и варијанти што реагираат на притисок.

    Производството на овие средства во Финска практично се обновува од темел. Воените аналитичари укажуваат дека капацитетите мора да овозможат брзо зголемување на производството, имајќи предвид дека искуствата од војната во Украина покажуваат оти потрошувачката на боиштето лесно може да достигне милионски бројки.

    Дополнителен поттик за националното производство е фактот што во моментов во рамките на Европската Унија нема активни производители на вакво вооружување, главно затоа што речиси сите држави во регионот претходно беа потписнички на Отавската конвенција, од која, покрај Финска, излегоа и Украина, Полска, Естонија, Летонија и Литванија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира