Првиот украински балстички проектил ќе биде спремен оваа есен, изјави извршната директорка на украинската одбранбено-технолошка компанија „Фајр поинт“, Ирина Терех.
Таа кажа дека се работи на тактички балистички проектил со краток дострел наречен „ФП-7“. Тој треба да има дострел од 200 километри и да носи боева глава од 150 килограми, а ќе биде преработен и за потребите на противвоздушната одбрана.
„Фајр поинт“ развива и балистички проектил со дострел од 855 километри и боева глава од 800 килограми, со што и Москва би била во неговиот домет.
И двете програми се клучни за Украина. Таа се соочува со недостиг на пресретнувачи ракети „Патриот“ и сака нејзини домашни ракети да можат да погодуваат цели длабоко во Русија.
„Нашиот ‘ФП-7‘ е веќе во процес на сертификација. Тоа бара одреден број пробни лансирања извршени според посебна постапка. Ќе ги направиме тие лансирања и ќе ја докажеме неговата ефикасност во реална борба против нашиот непријател, а потоа ќе биде подготвен за склучување договори. Ако сè оди добро, сосема е реално да биде подготвен до оваа есен“, рече 35-годишната Терех.
„ФП-7“ е клучен дел од првиот заеднички антибалистички систем во Европа, наречен „Фреја“. „Фајр поинт“ ќе ги обезбеди ракетите и лансерите, додека сојузниците на Украина ќе работат на компоненти и радари за надзор и следење.



