Франција вечерва и формално ја призна палестинската држава, придружувајќи им се на Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија, кои го сторија тоа вчера.
Обраќајќи се пред Генералното собрание на Обединетите нации, претседателот Емануел Макрон кажа дека дојде време да се заврши војната во Газа и да се ослободат преостанатите 48 израелски заложници.
„Не можеме веќе да чекаме. Светот е оддалечен неколку моменти од точката кога веќе нема да може да се постигне мир“, кажа Макрон.
Тој го осуди нападот врз Израел на 7 октомври 2023 и додаде дека мир во регионот може да се постигне со остварувањето на решението со две држави.
„Ништо не ја оправдува тековната војна. Мора да ја доведеме до дефинитивен крај“, рече тој.
Покрај Франција, палестинската држава истовремено ја признаа и Андора, Белгија, Луксембург, Малта, Монако и Сан Марино. Од 48 европски држави, тоа досега го направија 31. Македонија не е меѓу нив.
Наспроти бранот признавања, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера кажа дека никогаш нема да има палестинска држава, додека израелскиот амбасадор во Обединетите нации, Дани Данон, порача дека решението со две држави веќе не е во игра.