Франција официјално ќе ја признае палестинската држава во септември, објави претседателот Емануел Макрон, со што таа ќе стане првата членка на групата Г7 која го направила тоа. Макрон кажа дека ова формално ќе биде објавено на седница на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
„Итна потреба е војната во Газа да заврши и цивилното население да биде спасено. Мирот е можен. Ни требаат итен прекин на огнот, ослободување на сите заложници и масовна хуманитарна помош за народот на Газа“, напиша тој на Икс.
Палестинските претставници ја поздравија одлуката на Макрон, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека „потегот го наградува теророт“ по нападот на Хамас на 7 октомври 2023.
„САД силно ја отфрлаат објавата на Макрон. Ова е неодговорна одлука“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Хамас соопшти дека одлуката на Франција е позитивен чекор во вистинска насока и ги повика и другите држави да го следат овој потег.
„Верен на својата историска посветеност кон праведен и траен мир на Блиски Исток, одлучив Франција да ја признае државата Палестина. Исто така, мора да ја гарантираме демилитаризацијата на Хамас и да ја обезбедиме и обновиме Газа. Конечно, мора да ја изградиме државата Палестина и да ја осигуриме нејзината одржливост. Нема алтернатива“, кажа Макрон.
Шпанија и Ирска се меѓу неколкуте европски држави кои ја имаат признато Палестина.
„Палестинска држава во овие услови би била лансирна рампа за уништување на Израел, а не за живеење во мир покрај него. Да бидеме јасни: Палестинците не бараат држава покрај Израел; тие бараат држава наместо Израел“, рече Нетанјаху.