Франција кажа дека Европската Унија нема да дозволи напади врз нејзините суверени граници откако Доналд Трамп кажа дека не ја исклучува можноста за преземање на Гренланд со воена сила. Трамп вчера кажа дека оваа автономна данска територија е од витално значење за националната и економска безбедност на САД.
„Не доаѓа предвид дека Европска Унија би дозволила други нации да ги нападнат нејзините суверени граници, без разлика кои се. Не верувам дека САД ги извршиле инвазија врз Гренланд, но Европската Унија не смее да дозволи да биде заплашена“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Данска, која е долгогодишен сојузник на САД, кажа дека Гренланд не е на продажба и дека им припаѓа на неговите жители. Премиерот на Гренланд Муту Егеде се залага за независност на островот и исто така јасно кажа дека тој не е на продажба. Тој денеска е во посета на Копенхаген.
На две недели пред враќањето во Белата куќа, Трамп сѐ погласно ја истакнува својата експанзионистичка агенда. Покрај Гренланд, тој се закани со заземање на Панамскиот Канал и изрази желба да ја претвори Канада во американска сојузна држава.
Гренланд е дом на американска радарска база уште од Студената војна и има голема стратешка важност за САД. Трамп кажа дека арктичкиот остров е клучен за следењето на руските и кинеските бродови, за кои рече дека се насекаде.
„Јас зборам за заштитата на слободниот свет“, изјави Трамп.
Гренланд е најголемиот остров на светот, но има само 57.000 жители. Иако остана дел од данското кралство, ужива широка автономија, но и зависи од субвенции од Копенхаген.