ФРАНЦУСКАТА ВЛАДА ГИ ПРЕЖИВЕА ДВЕТЕ ГЛАСАЊА ЗА ДОВЕРБА ВО ПАРЛАМЕНТОТ

    ФРАНЦУСКАТА ВЛАДА ГИ ПРЕЖИВЕА ДВЕТЕ ГЛАСАЊА ЗА ДОВЕРБА ВО ПАРЛАМЕНТОТПремиерот Лекорну направи голема отстапка во пресрет на гласањето и ги замрзна пензиските реформи на Макрон (Фото: ЕПА)

    Француската влада ги преживеа двете гласања за доверба во парламентот, што беа поднесени од левицата и десницата откако претседателот Емануел Макрон го врати Себастијан Лекорну на премиерската функција минатиот викенд.

    Првото гласање беше понеизвесно откако Лекорну се спаси за само 18 гласови, додека во второто гласање, побарано од крајната десница, разликата беше дури 145 гласови.

    Лекорну направи голема отстапка во пресрет на гласањето и ги замрзна контроверзните пензиски реформи на Макрон со цел да ја добие поддршката од Социјалистите и да ја спаси владата. Лекорну предложи реформите да бидат суспендирани до претседателските избори во 2027, иако тие требаше да бидат клучно економско наследство на Макрон.

    Иако владата се спаси, гласањето ја истакна кревкоста на администрацијата на Макрон на средина од неговиот втор и последен мандат. Лекорну сега се соочува со долги и тешки преговори во парламентот за усвојување на скратениот буџет за 2026 година, за време на кои повторно би можел да биде соборен. Социјалистите сега ќе се обидат да се изборат за нивното второ големо барање данок за милијардери, што дополнително ја ослабнува позицијата на Лекорну.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира