ФРАНЦУСКАТА ВЛАДА ПРЕД РАСПАД, ЛЕ ПЕН КАЖА ДЕКА НЕМА ДА ЈА ПОДДРЖИ НА ГЛАСАЊЕТО ЗА ДОВЕРБА

    ФРАНЦУСКАТА ВЛАДА ПРЕД РАСПАД, ЛЕ ПЕН КАЖА ДЕКА НЕМА ДА ЈА ПОДДРЖИ НА ГЛАСАЊЕТО ЗА ДОВЕРБАМалцинската влада на Барние веројатно нема да го преживее гласањето за доверба, што ќе се одржи најрано в среда (Фото: ЕПА)

    Лидерката на крајната десница Марин Ле Пен кажа дека ќе побара гласање за доверба на француската влада и дека ќе поддржи други вакви барања, што се очекува да доведе до смена на премиерот Мишел Барние.

    На Франција ѝ е доста. Можеби мислеле дека со Мишел Барние ќе ни биде подобро, но стана уште полошо“, изјави Ле Пен.

    Ова доаѓа откако Барние ги употреби своите специјални овластувања за да го протурка предлог-законот за буџетот за 2025 без да гласаат пратениците за него. Малцинската влада на Барние веројатно нема да го преживее гласањето за доверба, што ќе се одржи најрано в среда.

    И покрај отстапките во последен момент, Барние очигледно не верувал дека предлог-законот за буџетот ќе помине во парламентот, па се повика на член 49.3 од францускиот устав, кој овозможува усвојување закон без гласањето на пратениците.

    И покрај победата на левицата на изборите, претседателот Емануел Макрон го избра Барние за премиер во септември. За да опстане, Барние ќе мора да добие поддршка од крајнодесничарскиот Национален собир, но Марин Ле Пен кажа дека тој не ги прифатил нејзините барања за буџетот, па најави дека ќе го собори.

    Ако гласањето помине, тоа ќе биде само вторпат од основањето на Петтата Република во 1958 година владата да падне на овој начин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира