Француските војници упаднаа на танкер за кој се верува дека е дел од руската „флота во сенка“, која се користи за да се избегнат санкциите за Русија. Бродот „Боракај“ ја напуштил Русија минатиот месец и бил близу брегот на Данска кога над тамошните аеродроми се појавија неидентификувани дронови. Неколку дена бил закотвен покрај брегот на западна Франција.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека посадата на бродот извршила сериозни прекршоци, без да изнесе детали. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, кажа дека немаат сознанија за бродот.
Макрон одби да коментира дали бродот послужил како платформа за лансирање дронови кон Данска минатата недела.
Многу западни земји воведоа санкции за руските енергенси по почетокот на војната во Украина, ограничувајќи ги увозот и цената на нејзината нафта. За да ги избегне овие санкции, Москва изгради „флота во сенка“, составена од танкери чие сопствеништво и движење би можеле да бидат скриени. Макрон рече дека флотата содржи меѓу 600 и 1.000 бродови. кои се регистрирани во други земји и се користат за извоз на рускиот бензин.
„Боракај“ плови под знамето на Бенин и е под санкции на Велика Британија и ЕУ. Беше запленет од естонските власти оваа година поради пловење без важечко знаме на земјата. Бродот тргнал од руското пристаниште Приморск на 20 септември и пловел по Балтичкото Море и покрај Данска, пред да влезе во Северното Море, а требало да пристигне во северозападна Индија на 20 октомври. Откако бил следен од француски воен брод, го променил курсот и свртел кон францускиот брег.