Одморалиштето во североисточна Франција, каде што вчера 11 лица загинаа во пожар, не ги исполнуваше безбедносните стандарди, изјави официјален претставник. Пожарот избувна вчера изутрината во куќа во Ла Форж, каде што беа сместени лицата со посебни потреби. Обвинителката Натали Килвасер рече дека зградата не била соодветно проверена и имала погрешен тип на аларм за чад. Сопственикот на имотот, кој живее спроти викендицата, е во шок и не е приведен, додаде таа.
Домот не бил подложен на „задолжителна“ безбедносна инспекција и „не ги поседувал карактеристиките потребни за да биде јавно одморалиште“, изјави за агенцијата АФП Килвасер, заменик-обвинителка за градот Колмар. Зградата, стара градба неодамна реновирана, имаше детектори за чад „но не доволни за овој вид имот“, рече таа. Килвасер рече дека уште не е јасно дали во зградата има апарати за гаснење пожар. Причината за пожарот не е позната и истрагата продолжува, додаде таа.
Зградата ја користеа две групи возрасни од две одделни добротворни организации кои им помагаат на лицата со посебни потреби, соопшти локалната власт за регионот Горна Рајна. Речиси 80 пожарникари беа испратени во пожарот откако службите за итни случаи беа алармирани во 06:30 часот. Килвасер рече дека сопственикот на имотот, кој живее спроти домот, бил првиот што го вклучил алармот.
Пожарот избувна во близина на Винтценхајм, блиску до границата со Германија и на околу 70 километри јужно од градот Стразбур. Седумнаесет лица се евакуирани од имотот. Загинаа 10 возрасни лица со потешкотии во учењето и еден придружник. Канцеларијата на локалниот градоначалник соопшти дека имало 28 луѓе во имотот кога избувнал пожарот и тврди дека сопственикот потпишал договор да биде домаќин на само 16 луѓе.