ФУДБАЛЕР НА МАКЕДОНСКИОТ КЛУБ РОКДЕЈЛ ИЛИНДЕН МЕЃУ ЖРТВИТЕ НА ПУКАЊЕТО ВО СИДНЕЈ

    ФУДБАЛЕР НА МАКЕДОНСКИОТ КЛУБ РОКДЕЈЛ ИЛИНДЕН МЕЃУ ЖРТВИТЕ НА ПУКАЊЕТО ВО СИДНЕЈДен Елкајам играше за клубот во последните 12 месеци (Фото: Фејсбук)

    Дваесет и седумгодишниот Французин Ден Елкајам, кој играше за македонскиот фудбалски клуб Рокдејл Илинден, е меѓу жртвите на вчерашниот антисемитски напад на популарната плажа Бонди во Сиднеј. Во нападот загинаа 15 луѓе на возраст од 10 до 87 години, а убиен е и еден од двајцата напаѓачи.

    „Целиот тим е скршен. Тоа е трагична загуба и се обидуваме да се справиме со неа. Ден беше составен член на нашиот состав во 2025 и исклучително талентирана и популарна личност меѓу соиграчите“, соопшти потпретседателот на Рокдејл Илинден, Лу Тасевски.

    Рокдејл Илинден е клуб основан од австралиските Македонци во 1969 во Рокдејл, предградието на Сиднеј и денес се натпреварува во Премиерлигата на Нов Јужен Велс. Елкајам играше за клубот во последните 12 месеци.

    Tатко и син го извршија нападот во Сиднеј за време на прослава на еврејскиот празник Ханука. Тие се идентификувани како 50-годишниот Саџид Акрам, кој беше убиен на самото место и неговиот 25-годишен син Навид, кој е во болница во критична состојба. Министерот за внатрешни работи Тони Берк кажа дека Саџид дошол во Австралија во 1998 со студентска виза, без да наведе од која држава, додека Навид е роден во земјата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира