Новинарите се во опасност да бидат заменети со системи за вештачка интелигенција, изјави извршниот директор на германската медиумска група „Аксел Шпрингер“, Матијас Дефнер. Тој се огласи додека овој издавач се обидува да ги зголеми приходите на весниците „Билд“ и „Велт“ и да премине во целосно дигитална медиумска компанија.
Дефнер вели дека кратењето на работните места е неизбежно, зашто автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе направат многу од нив да станат вишок.
„Вештачката интелигенција има потенцијал да го направи независното новинарство подобро од кога било или едноставно да го замени. Алатки како ChatGPT ветуваат револуција во информирањето и наскоро ќе бидат подобри во собирањето информации од човечките новинари. Оваа промена е суштинска за иднината на нашата издавачка куќа. Ќе преживеат само оние кои ќе ги креираат најдобрите содржини“, напиша Дефнер во интерно писмо до вработените.
„Аксел Шпрингер“ не прецизираше колку луѓе би добиле отказ, но вети дека нема да се крати бројот на репортери, автори или специјализирани уредници.
„Аксел Шпрингер“ не е првиот издавач кој се врти кон вештачката интелигенција. Во јануари, сајтот „Базфид“ објави дека ќе почне да ја користи за да ги зголеми своите содржини, а вакви најави доаѓаат и од британските весници „Дејли мирор“ и „Дејли експрес“.
Откако беше лансиран во ноември минатата година, ChatGPT собра над 100 милиони корисници. Програмата може да генерира високо софистицирани текстови од едноставни инструкции, создавајќи сè, од есеи и апликации за работа до песни и белетристика.