Германија не успева да ги интегрира доселениците, смета поранешниот лидер на владејачките социјалдемократи и бивш вицеканцелар Зигмар Габриел.
„Луѓето можат да видат, од една страна, дека Европа не успева да ги заштити своите надворешни граници, а, од друга страна, дека не успеваме со интеграцијата на мигрантите кои дојдоа“, вели Габриел за весникот „Ноје Оснабрикер цајтунг“.
„Резултатите на неодамна објавеното истражување ПИСА е еден од многуте докази за тоа“, додава тој.
Според истражувањето објавено на почетокот на декември, учениците на возраст од 15-16 години добија досега најслаба оценка по читање, математика и природни науки.
Габриел ја повика германската влада на пресврт во мигрантската политика до европските избори во јуни за да не ѝ ја олеснат работата на десничарската Алтернатива за Германија.
„На многумина во Германија прашањето за миграцијата им служи како гориво за растечка несигурност“, вели Габриел, кој беше вицеканцелар од 2013-18 година.
Од јануари до ноември годинава, над 300.000 лица побарале азил од германските власти, што е за 60 отсто повеќе споредено со истиот период лани.