Германските конзервативци ЦДУ-ЦСУ на чело со Фридрих Мерц постигнаа договор за коалиција со Социјалдемократите за водење на најголемата европска економија, пет месеци откако се распадна претходната влада. Мерц (69) кажа дека договорот испраќа силен и јасен сигнал до Германците и Европската Унија дека ќе добијат силна влада способна за акција.
Германија веќе беше во рецесија пред да ја зафатат економските турбуленции предизвикани од царините на Доналд Трамп.
„Клучната порака за Доналд Трамп е дека Германија се врати во колосек“, изјави идниот канцелар, ветувајќи дека ќе ја обнови економската конкурентност и ќе ги исполни одбранбените обврски.
Мерц вети дека ќе ја реформира и стабилизира Германија, со фокус на миграцијата, економијата и одбраната.
„Европа може да се потпре на Германија. Ветувам силен план со кој нашата земја повторно ќе биде предводник“, рече Мерц, кој треба да биде потврден за канцелар на 5 мај.