ГЕРМАНИЈА ТРЕБА ПОВТОРНО ДА УВЕЗУВА НАФТА И ГАС ОД РУСИЈА, КАЖА ЛИДЕРКАТА НА КРАЈНАТА ДЕСНИЦА, КОЈА СЕ ГЛЕДА КАКО ИДНА КАНЦЕЛАРКА

    ГЕРМАНИЈА ТРЕБА ПОВТОРНО ДА УВЕЗУВА НАФТА И ГАС ОД РУСИЈА, КАЖА ЛИДЕРКАТА НА КРАЈНАТА ДЕСНИЦА, КОЈА СЕ ГЛЕДА КАКО ИДНА КАНЦЕЛАРКААлис Вајдел смета дека АфД може да победи на две клучни покраински гласања во наредните месеци (Фото: Фејсбук)

    Германија треба да го прекине бојкотот на руските нафта и гас за да ја зајакне својата ослабена економија, изјави за „Ројтерс“ лидерката на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, истакнувајќи ги своите амбиции да ја предводи националната влада. Вајдел рече дека АфД може да победи на две клучни покраински гласања во наредните месеци, опишувајќи ги како пресвртници за обезбедување на функцијата канцелар веднаш на следните национални избори закажани за 2029 година.

    „Евтината енергија од Русија беше тајната на успехот на ‘Произведено во Германија‘. Ни треба назад. Губењето на оваа енергија нè врати години назад. Стотици илјади работни места се изгубени. Нè направи зависни од САД, кои ни продаваат енергија по многу повисоки цени“, рече Вајдел.

    Пред санкциите воведени поради инвазијата во Украина во 2022 година, Русија обезбедуваше повеќе од една третина од увозот на сурова нафта во Германија и повеќе од половина од природен гас. Германија, исто така, се мачеше да се поврати од шокот предизвикан од затворањето на клучниот подводен гасовод „Северен тек“, кој беше оштетен од експлозии во септември 2022. Индустријата во Германија останува во стагнација.

    Вајдел ги даде забелешките пред септемвриските избори во две клучни источногермански покраини, Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија, каде што АфД доминира во анкетите.

    „Овие избори се одлучувачки пресвртници. Ако победиме во Саксонија-Анхалт, тогаш веројатно ќе следи и во Мекленбург-Западна Померанија. Можам да ја видам АфД во канцеларството или до следните избори или на оние потоа“, кажа Вајдел.

    Пратеникот на АфД, Маркус Фронмаер, ја посети Русија овој месец и се сретна со Алексеј Милер, шефот на рускиот енергетски гигант „Газпром“. Притоа повика на повторно отворање на гасоводот „Северен тек“.

    „Мораме да бидеме внимателни во Германија да не ја пропуштиме можноста да се вратиме на рускиот пазар. Милер рече дека ќе биде потребен временски рок од три месеци за да се продолжи со снабдувањето со гас“, кажа Фронмаер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира