Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт поднесе оставка откако се појавија сомнежи дали таа е способна да ја предводи обновата на вооружените сили во позадината на војната во Украина.
„Денеска побарав од канцеларот да ме разреши од функцијата федерален министер за одбрана“, изјави Ламбрехт, која доаѓа од Социјалдемократската партија.
Канцеларот Олаф Шолц се наоѓа под притисок да ја зголеми воената помош за Украина, со цел да ѝ помогне во војната со Русија.
Ламбрехт беше обвинета дека не успеала брзо да ја врати германската војска во форма, иако за тоа беше одобрен специјален фонд од 100 милијарди евра. Долготрајната дебата за состојбата на германските одбранбени способности се засили минатиот месец, кога неколку тенкови „пума“ се расипаа за време на воена вежба.