Долниот дом на германскиот парламент го усвои планот за огромно зголемување на трошењето за одбраната и инфраструктурата, што е голем пресврт за земјата кој би можел да ја преобликува одбраната на Европа. Промената беше изгласана со потребното двотретинско мнозинство.
Законот ќе ги ослободи трошоците за одбрана и безбедност од строгите германски правила за долгот и ќе создаде инфраструктурен фонд од 500 милијарди евра. Ова е историски потег за Германија, која традиционално водеше голема грижа за својот долг и би можел да биде значаен за цела Европа додека продолжува руската агресија врз Украина, а владата на Доналд Трамп најави дека веќе нема толку да ја помага европската одбрана.
Законот треба да биде одобрен и во горниот дом на Бундестагот, исто така со двотретинско мнозинство, што е закажано за петок.
„Одлуката што ја носиме денеска е ништо помалку од првиот голем чекор кон нова европска безбедносна заедница. Ова вклучува и земји кои не се членки на Европската Унија“, кажа веројатниот иден канцелар Фридрих Мерц.
Тој брзаше со изгласувањето на законот пред првата седница на новиот состав на парламентот, во кој крајната десница и крајната левица ќе бидат засилени и сега гласаа против. Во новиот парламент, Мерц не би можел лесно да собере доволно гласови за изгласување на пакетот, па ја искористи силата на Социјалдемократите, конзервативците и Зелените во сегашниот парламент за да го протурка. Зелените престанаа да се противат на законот откако беше ветена помош за 100 милијарди евра за борбата против климатските промени.