Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ненадејно го посети Киев, при што ѝ вети нова помош на Украина, особено во противвоздушна одбрана. Тоа е негова прва посета на Украина од почетокот на војната откако во април властите му порачаа да не доаѓа зашто во минатото се залагал за зближување на западот и Русија.
„Мојата порака до Украинците е: не само што сме на ваша страна, туку и ќе продолжиме да ве поддржуваме економски, политички и воено. Она што е важно сега е да им помогнеме на Украинците да се заштитат од воздушни напади“, изјави Штајнмаер, осудувајќи ја бруталната руска воена агресија врз Украина.
Поранешниот германски министер за надворешни работи изрази жалење за поддршката на гасоводот Северен тек 2, преку кој руски гас требаше да доаѓа во Германија, но беше блокиран на почетокот на војната. Тој доаѓа од крилото на Социјалдемократската партија на Германија кое се залагаше за поблиски економски врски со Русија.
Штајнмаер планираше да го посети Киев во април, но откажа зашто му кажале дека не е добредојден. По руската инвазија на Украина, на социјалните мрежи се проширија стари фотографии на кои што Штајнмаер се гушка со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.