Европската комисија одобри две владини шеми кои треба да им помогнат на фармерите во Германија да го подобрат животниот стандард на свињите.
Со двете програми во вкупна вредност од една милијарда евра ќе се финансира надградувањето на капацитетите за одгледување свињи и ќе се воспостават практики за подобрување на нивниот животен стандард, што вклучува и климатизација и подобри легла. Шемите ќе траат до 2031 година.
Според Европската комисија, поддршката е наменета за малите и средните сточарски фарми и во иднина би можела да биде проширена и на други домашни животни.
Комисијата е највисокото тело за следење на конкуренцијата во Европската Унија задолжено за одобрување владини шеми за поддршка за да се осигура дека државите нема да им даваат нефер предности на компаниите. Во овој случај, Комисијата рече дека помошта за Германија е пропорционална, бидејќи е сведена на неопходен минимум и ќе има само ограничено влијание врз конкуренцијата.